Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска на платото пред Skopje City Mall, го прогласи за отворен еднодневниот Фестивал на органска храна, што традиционално се одржува веќе трета година по ред.
– Чест ми е да го отворам третиот по ред Фестивал на органска храна и здрав начин на живот. Овој Фестивал е дел од активностите кои Град Скопје ги презема во насока на промовирање на здравиот начин на живот во Скопје. Градот Скопје активно работи во подобрувањето на екологијата и чистотата во Градот, јас како градоначалник на Град Скопје особено препорачувам и сакам да ги поттикнам граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство, а со тоа паралелно работиме на подобрување на условите и безбедноста на велосипедистите. Фестивалот на органска храна веќе трета година го организираме со цел да ги запознаеме граѓаните со органската храна и што значи таа како дел од здравите навики, истакна градоначалникот Трајановски.
Фестивалот има за цел да го промовира органското земјоделство како важен, перспективен дел на одржливото производство. Се претставуваат македонски производители на органска храна и други органски производи, ставајќи акцент на значењето на користењето органски производи за заштитата на биодиверзитетот, унапредувањето на здравјето на сите живи организми, на сегашните и на идните генерации.
Сите посетители на Фестивалот имаа можност да се забавуваат со RNC бенд, како и со сетовите на македонските диџеи. За време на фестивалот посетителите имаа можност да купат и дегустираат производи од петнаесетина македонски изложувачи, производители на органска храна. Фестивалот ќе заврши денеска во 18 часот.