„Прв до врв“ на Водно

По повод вториот роденден на Жичницата на Водно, на 1 јуни (сабота) ќе се одржи спортско – рекреативниот настан „Прв до врв“.

–  По две години можеме да констатираме дека жичницата на Водно добро функционира, а скопјани користејќи ги нејзините услуги уживаат во неговите убавини и  без напор може да  се искачат до Милиениумскиот крст. Ние како граѓани на Скопје треба да сме задоволни што имаме паланина која е во наша непосредна близина и можеме да ја користиме за спорт и рекреација. Ги повикувам граѓаните кои нема да учествуваат во трките да дојдат во што поголен број користејќи ги услугите на  жичницата до Милениумски Крст, каде што  ќе се оддржи Пикник и забава со музичка програма и заедно да уживаме и да се дружиме, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.

Директоторот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Мишо Николов, исто така ги повика скопјани  да ја подржат манифестацијата и да дојдат масовно на Водно за заедно да го прослават роденденот на жичницата,  а ги повика и младите да дојдат на ноќната забава на Средно Водно.

Претставникот на 03 Ивент Менаџмент, Александар Георгиевски, на конференцијата за медиумите на Градoначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Мишо Николов и директорот на Пакомак  им ги даде првите броеви за учество во планинарската трка. Тој исто така истакна дека досега за таа трка има пријавено околу 600 учесници.

Манифестацијата „Прв до врв“ ќе се состои од два дела, односно ќе има натпреварувачки и забавен карактер. Во рамките на натпреварувачкиот дел ќе се одржат трки во качување и велосипедска трка,  во машка и во женска конкуренција.
Качувањето има натпреварувачки карактер за оние што сакаат да докажат дека нивното редовно дружење со Водно резултирало со рекордно време за качување од подножјето до врвот на Водно.

На качувањето коешто ќе почне во 9 часот пред ОУ „Кочо Рацин“ може да  учествуваат буквално сите старосни групи од 7-77 години, групирани по категории во машка и во женска конкуренција: ученици, студенти, возрасни, семејства (минимум 2 членови), ветерани, компании, институции и дипломатски претставништва (минимум 4 членови).

Во рамките на настанот ќе се одржи и Велосипедска трка на Солидарност (50 години од земјотресот во Скопје), која ќе стартува во 10 часот пред ОУ „Кочо Рацин“, за велосипедисти во брзинска и планинска категорија, а на неа може ќе учествуваат  велосипедисти од сите категории – млади, стари, ентузијасти, рекреативци, професионалци…

На крајот на трките секој натпреварувач ќе добие сертификат за учество, а најдобрите ќе бидат наградени со пехари, производи и парични награди.
Имињата на натпреварувачите кои оствариле најдобри времиња во машка и во женска конкуренција, ќе бидат запишани на трајна табла, која ќе се надополнува секоја година. Таблата ќе се постави на врвот на Водно.

Посетителите кои нема да се натпреваруваат ќе можат да пристигнат до врвот на Водно и со жичницата до Милениумски Крст каде што  ќе се оддржи Пикник и забава со музичка програма, DJ сет од Антена5 Радио и настап на познати музички ѕвезди.

Сите заинтересирани учесници може да се пријават преку апликација која е поставена на www.prvdovrv.mk или во специјално поставениот двокатен автобус на Плоштадот Македонија од 27-31 мај, во период од 10-18 часот.

Вториот дел од прославата е и журката којашто ќе се одржи на Средно Водно од 22 часот до 5 часот изутрина. На истата ќе настапи Македонската ДЈ елита: Babura, Brancez, Marga Sol, Bobi i Dela.

Агенда:

9:00 Масовен старт на качување од ОУ Кочо Рацин
10:00 Старт за велосипедистите од ОУ Кочо Рацин
12:00 Церемонија на доделување награди и прогласување победници
12:30 Пикник и забава со музичка програма, DJ сет и настап на познати музички
ѕвезди

You May Also Like