Вечерва (сабота, 3 ноември 2012 ) во Националната галерија на Македонија (објект Даут-пашин амам) со почеток во 20:00 часот, концерт на Јована Радовановиќ. Родена е 1985 година во Крагуевац, Србија. Музичкото образование го започнува на 6 годишна возраст во музичкото училиште „Д-р Милоје Милојевиќ“ во родниот град.
Под влијание на својот долгогодишен професор Наталија Томиќ, во чија класа завршува основно и средно музичко образование, вистински го засакува пијаното, а многубројните успеси на концертите и натпреварите во земјата и во странство ( прва награда на меѓународниот натпревар Вал Тидоне за млади музички таленти во Италија 2000 год, Гранд При во Женева истата година, како и први награди на фестивалите дома и на републичките натпревари, кои ги освојува како солист и член на камерните состави), и даваат поттик да ја избере музичката уметност за свој животен пат.
Додипломски и мастер студии завршува на Националната музичка академија „П.И Чајковски“ во Киев, во класата на еминентниот професор Јуриј Кот. Во 2007 год. нејзината дипломска работа е оценета со највисоки оценки и е наградена со почесна диплома од Академијата, а завршниот испит на мастер студиите „Свити за пијано од Ј.С.Бах и проблеми во интерпретацијата“ е прогласен за еден од најдобрите и добива препорака од стручната комисија на Националната музичка академија од Украина, да запише докторски студии кои ги завршува со највисока оценка во 2011 год.
Паралелно ја започнува педагошката дејност во музичкото училиште „Д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац како професор по пијано, а од 2010 до 2012 год. работела и како соработник во наставата на Филолошко- уметничкиот факултет во Крагуевац на одделот по пијано.
Како солист и член на камерен состав свирела во Србија, Украина, Франција, Белгија, Луксембург, Германија и Кипар.
Програма
1. Ј. С. Бах- Бузони – Корален прелудиум “Ich ruf zu dir, Herr Jesu Christ” BWV639
2. Ј. С. Бах- Ф. Лист- Оргуљска фантазија и фуга во ге- мол
3. В. А. Моцарт- Варијации во Де- дур, К.В. 573
4. С. Рахмањинов- Варијации на тема Корели, де- мол, оп.42
5. Ж.Божаниќ- Прелудиум и Токата за пијано, оп.2