„Патинирани цитати“ изложба на уметникот Мирчо Матевски-Рисимкин која ќе се отвори вечерва во Охрид …
Во Куќата на Робевци во Охрид вечер ќе биде отворена изложба на дела на академскиот сликар Мирчо Матевски-Рисимкин, насловена „Патинирани цитати“. За творечкиот опус на Матевски критиката вели дека неговиот геометризам целосно се влопува во традицијата.
– Правоаголниците, триаголниците и круговите Матевски ги претставува дводимензионално, како во платната „Патот на тајната книга“ (2012), „Белиот ангел“ (2012) или „Враќање“ (2010). Со тоа не само што се поврзуваат за светската уметничка традиција на геометризмот во сликарството, туку се надоврзуваат и на нашата македонска сликарска традиција која уште од времето на средновековниот фрескоживопис и иконопис па сè до делата на непосредниот учител на Мирчо Матевски, нашиот прочуен сликар Димитар Кондовски, има свој креативен апогеј, оценува стручната критика.
Мирчо Матевски-Рисимкин (Скопје, 1961) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1984) во класата на проф. Димитар Кондовски, а во 2012 магистрирал на ФЛУ во класата на проф. Јован Шумковски. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1984 година. Вработен е во Меѓународни училишта-НОВА во Скопје. Од 1998 до 2009 живеел и работел во Австралија.
Изложбата на Матевски-Рисимкин ќе ја отвори проф. д-р Иван Џепаровски од Институтот по филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.