„Китка“ од Истибања најуспешни на „Илинденски денови“

Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања најуспешен на годинешното издание на фестивалот „Илинденски денови“ …

zatvoranje_ilindenski_denovi_2013(2)

Фолклорниот ансамбл од Истибања е најуспешната група на годинашното 44-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ што синоќа заврши во Битола. На свеченото затворање, жири комисијата на фолклорниот ансамбл „Китика“-Истибања им додели награда за најдобро презентиран изворен фолклор, а на Стојко Митковски од истиот ансамбл за најуспешен автор што подготвил сценска презентација на изворна фолклорна содржина.

За најуспешна група која на фестивалот презентираше староградски фолклор, прогласена е пејачката група „Весела тајфа“ од Богданци, за најдобра група што во Битола презентираше детски фолклор, прогласени се членовите на КУД „Иљо Антевски-Смок“ од Тетово, а за најуспешен изворен оркестар е прогласен оркестарот на народни инструменти и школата за тапани при Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола.

Фестивалското жири во состав Блаже Палчевски, Тофе Дракулевски, Родна Величковска и Александар Димитриевски ги награди и Маре Мојсковска од КУД „7-ми Септември“-Македонски Брод за најуспешна вокална изведба, потоа КУД „Мирче Ацев“-Прилеп за најизворна и најкомплетна изворна носија, а додели и специјално Признание за исклучителна изведба на ората „Женско чамче“ и „Чифте чамче“ на КУД „Илинден“ од Битола.

– Можам слободно да кажам дека имавме одличен фестивал со најмногубројна публика, која овие денови ги исполни срцата на учесниците и беше на сите места каде што се одржуваше овој фестивал, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола кој ги врачи наградите на најдобрите македонски фолклорни групи, а на гостите од странство им врачи пригодни подароци.

Фестивалот заврши со Интернационална вечер на која настапија ансамблите „Кумагаја“-Јапонија, „Мехметчик“ од Северен Кипар, „Теблаб“ од Унгарија и „Де Мерсе Хоперс“ од Холандија, а кулминацијата ја приреди македонскиот УНЕСКО амбасадор Драган Даутовски со неговиот квартет кои го промовираа најновиот музички албум „Пламен“.

You May Also Like