Со беседа за делото и ликот на А. Ден Долард, на 7 февруари во Културно-информативниот центар „Култура 365“, Охрид ќе го одбележи роденденот на големиот холандски писател и пријател на градот и на Македонија.
Ден Долард, кој е роден на 7 февруари 1901 година, поточно неговите патеписи и романи, е можеби главниот „виновник “ за големиот интерес на туристите од Холандија за Охрид и што токму холанѓаните се најбројни западноевропски гости во овие краишта последните 40 години.
– За А. Ден Долард може да се зборува на долго и на широко, има што да се каже. Се работи за човек којшто живеел 93 години активен живот. Тоа е човек којшто скитал, а така и самиот себеси се нарекува, скитникот, што му е негово препознатливо име. Патува често и долго. Така и пишува, вели писателот и публицист Мишо Јузмески од „Култура 365“.
А. Ден Долард има напишано и објавено повеќе од 50 книги – поезија, раскази, романи, автобиографии, дела што се препознатливи за луѓето од Бенелукс, правејќи го еден од најпознатите писатели во тој дел од Европа.
Помеѓу големите дела што ги остави зад себе, Ден Долард пишува за Македонија, за неговиот престој во Охрид во еден од неговите најпознати романи „Свадбата на седумте Цигани“.