Наградата „Григор Прличев“ утре ќе му биде врачена на Иван Василевски

Центарот за култура „Григор Прличев“ утре (среда, 5 февруари) во соработка со „Просветно дело“ и „Детска радост“ ќе ја додели наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Оваа година лауреат на наградата е Иван Василевски, за неговата поема „Азбукословецот“, посветена на Свети Климент Охридски. Доделувањето на наградата ќе биде проследено со соодветна културна програма и читање на поемата во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во 12:00 часот.

grigor prlicev

– Изборот на поема е начин на продолжување на делото на Прличев, начинот на кој тој творел и работел. Сите поеми што досега се наградени се работени според одредени правила, налик на начинот на кој творел и Прличев. Тоа е уште еден обид да се поддржи поемата како литературен вид, специфичен начин на изразување, изјави Драгана Боцеска, директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

Манифестацијата ќе продолжи на 6 февруари, со полагање цвеќе пред споменикот и гробот на Прличев, т.н. „Прличева визита“, посета на спомен-куќата и пригодна културна програма.

Манифестација „Прличеви беседи“ постои од 1952 година, а ја одбележуваат културните и образовните институции во Охрид, во слава на преродбеникот и поетот од крајот на 19 век – Григор Прличев.

Наградата „Григор Прличев” е востановена на иницијатива на македонскиот писател Петре Бакески, а се доделува во чест на Прличев кој во 1860 со поемата „Сердарот“ (на грчки јазик: О Арматалос) победил на анонимен конкурс во Атина и го доби епитетот Втор Хомер.

Инаку, годинешниот лауреат Иван Василевски е новинар, долгогодишен дописник на Македонската информативна агенција од Струмица.

You May Also Like