Вчера (среда, 3 октомври) на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје беше отворен Информативен музејски простор.
Основна цел на Информативниот музејски простор кој е поставен од страна на Царинската управа на Република Македонија, и е од привремен карактер, е да овозможи подобрување на информираноста на патниците за нивните права и обврски при влегување или излегување од царинското подрачје на Република Македонија. На отворањето присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Министерството за култура преку своите институции активно се вклучи и даде значаен придонес во реализацијата на овој проект.
Во рамките на Информативниот музејски простор, Музејот на Македонија изложи 45 копии на оригинални музејски артефакти, меѓу кои и: копии на бронзите од 4 до 2 век пред нашата ера – македонски шлем, Менада, Изида, Артемида, потоа монети од 4 до 3 век пред нашата ера и бронзени монети пронајдени на археолошкиот локалитет Стоби, теракотни икони – Големата мајка, светилки и други артефакти.
Оваа поставка истовремено ќе овозможи сите оние што патуваат преку аеродромот „Александар Велики“ да добијат информации за значајното културно богатство на Република Македонија и за неговите вредности.