Оскаровците и’ се заблагодарија на Македонија

Во преполната сала на Центарот за култура во Битола, вечерва се отвори 35. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

ivanov binoche otvoranjeПо гламурозниот црвен килим, кој годинава привлече рекорден број публика, новинари, фотографи и сниматели, директорката на фестивалот Лабина Митевска им посака добредојде на посетителите на јубилејното издание:

-Уште едно возбудливо издание е пред нас, 35-тото, јубилејно издание. Како организатори, се потрудивме да напредуваме повторно во организациска, артистичка и професионална смисла, но пред сѐ максимално се вложивме да бидеме добри домаќини на многу почитуваните гости.

-Вечерва со нас се тројца извонредни уметници, неверојатни професионалци и пред сѐ големи луѓе. Лука Бигаци, ви благодарам што сте со нас, вие сте предводник на новата италијанска и европска кинематографија. Крис Менџис, благодарам што прифативте да дојдете во Македонија, голема иснпирација сте за сите нас, вие сте легенда на која и’ се поколонуваме. Жулиет, и’ направивте голема чест на Македонија, ви благодариме за секоја ваша ролја! И секоја нова со нетрпение ја исчекуваме, рече Митевска.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој рече дека вечерашнава приказна е започната уште пред еден век кога двајцата браќа од Битола купија филмска камера и благодарејќи на нивниот завет, Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот фестивал посветен на кинематограферите.

oskarovci_iffk_braka_manaki_2014

-Во изминатите 35 години, овој фестивал стана дом на филмските ѕвезди од Македонија, Европа и светот. Ѕвездите на небото и ѕвездите на филмското платно и покрај тоа што се различни – имаат една заедничка особина: тие нѐ охрабруваат да ја промислиме нашата приказна, да го погледнеме светот и нашето место во него.

Како претседател на Република Македонија, горд сум што сум покровител на овој фестивал кои ги нуди најдобрите филмски остварувања. Убеден сум дека постигнатиот успех, ќе нѐ мотивира да го трасираме патот до ѕвездите, пат кој е поплочен со креативност, човекољубие и убавина, рече претседателот Иванов.

oskarovci_iffk_braka_manaki_2014.2jpg

Според востановената традиција, отворањето беше одбележано со врачувањето на наградата за животно дело која годинава му припадна на еден од најдобрите британски и светски кинематографери, Крис Менџис, кого го нарекуваат големиот маг на светлото. “Златната камера 300“ на Менџис ја врачи претседателот на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, Роберт Насков. А оскаровецот Менџис рече дека наградата во Битола за него е голема чест.

-Ви благодарам, голема чест е да се добие оваа награда, особено од држава која ја вреднува работата на кинематограферите. Би сакал да ја посветам оваа награда на сите учители, што сите нас нѐ научија за филмот, изјави Менџис.

На годинашниот добитник на специјалната „Златна камера 300“ виртуозот на филмската камера, Лука Бигаци, наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.

-Среќен сум што сум тука, зашто Македонија ги сака филмовите, а Битола многу ги сака кинематограферите, рече Бигаци.

На годинешната ѕвезда на фестивалот и една од најдобрите актерки во светот, Жулиет Бинош, наградата „Златна камера 300“ и’ ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Таа се заблагодари и рече дека сака да говори и во име на кинематограферите, чиј труд често пати останува непризнаен.

zuliette_binoche_braka_manaki_2014

-Првата врска помеѓу нас актерите и публиката е токму кинематограферот. Кога сте на сет и кога ќе заврши некоја сцена, првиот гледач, првиот одговор за она што сме го направиле е токму кинематограферот.Навистина многу им се восхитувам, зашто нивните избори, навистина го прават филмот, зашто секогаш изнаоѓаат посебен филмски јазик, рече Бинош.

Таа говореше и за нејзиниот мотив да се занимава со филмската уметност.

-Потрагата по вистината е причината заради која го правам сето ова. Можноста да трагам и да ја допрам таа вистина, рече Бинош.

Публиката во Центарот за култура во Битола, на нозе ја поздрави големата актерка Жулиет Бинош а таа одговори со солзи на очите. Потоа гледачите со внимание го проследија филмот Облаците на Силс Марија, прикажан во чест на ѕвездата на фестивалот.

Годинава, дел од свеченото отворање на фестивалот беше Сашко Костов, како дел од традицијата секоја година да се претстави по еден млад македонски музички талент.

Подароци за Жулиет Бинош

Пред свеченото доделување на наградите, на коктелот во хотелот Епинал, на ѕвездата на фестивалот Жулиет Бинош, директорката на фестивалот, Лабина Митевска и’ подари во името на Министерството за култура и министерката Канческа-Милевска икона со Ангелот од Курбиново, а директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески на актерката и’ подари гердан со македонски рубин.

binoche podarok 1

Како што беше објавено, 35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Во Битола доаѓа една од најголемите светски актерки, Оскаровката Жулиет Бинош. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, До балчак на Столе Попов и Децата на сонцето на Антонио Митриќески. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите.

You May Also Like