Со цел успешна реализација и заложба за подобрувањето на квалитетот на урбаното живеење, јавната хигиена, здравствената заштита на населението и животните, а воедно и севкупниот лик на Центар, во февруари 2013 година Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ и Општина Центар потпишаа меморандум за соработка.
На меморандумот му претходеа меѓусебни дискусии и сугестии за заедничко делување и волонтерскиот пристап во понатамошното соработување на општината и здружението.
Беше договорено дека ќе се реализираат повеќе активности меѓу кои: заштита на кучињата скитници од нехумани граѓани; поставување на знаци од едукативен карактер со предупредувачка порака до сопствениците на миленичињата, за одржување на чистотата на јавните зелени површини и пешечките површини во надлежност на општината; поставување на корпи за отпадоци за собирање на кучешки измет; едукација и запознавање на граѓаните на Општина Центар преку информативен материјал и сл.
Се дискутираше за тоа дека е неопходно граѓаните да се едуцираат дека кучињата не се улични, туку дека припаѓаат на една заедница, а не еден поединец или семејство (бидејќи за кучето се грижи една зграда или едно маало).
Во таа насока Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ ќе спроведува едукативни предавања во кои што ќе бидат вклучени најмладите. Со цел да се собори стравот кај децата, соработката ќе биде на ниво на детски градинки и основни училишта кои се во домен на Општина Центар. Сето тоа ќе биде презентирано и пренесено на јавни настани и хепенинзи кои ќе бидат организирани во рамки на општината. Здружението ќе има посети во предучилишните или училишните институции, при што би донеле некое кутре или маче за спроведување на едукациите.
Исто така, ќе се врши бележење и следење на кучињата кои ќе се сретнат во Центар. Преку бележење на кучињата скитници од страна на „Анима Мунди“, потребно е следење на нивната бројка и нивното движење во општината и градот преку специјална електронска направа. И комуналните редари од Општина Центар ќе бидат инволвирани за одржувањето на чистотата и слични активности.