Во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес синоќа беше одржан концертот насловен „Македонска душа“ на квартетот на маестро Зоран Џорлев, а во чест на претстојниот празник Илинден.
Концертот беше дел од манифестација „Топол културен бран“ на Министерството за култура и Општина Велес. Маестро Зоран Џорлев со својата виолина и својот квартет пред велешани настапи со обработки на македонски изворни стари песни, односно дел изворни и дел обработки.
По концертот Зоран Џорлев изјави дека манифестацијата „Топол културен бран“ е еден нов музички бран низ Македонија и има можност во идните лета да прерасне во уште поголема манифестација.
– Среќен сум што и јас како солист учествувам и сум дел од овој значаен културен бран, потенцира Џорлев.
Зоран Џорлев уште од своите почетоци во кариерата во 1988/89 година настапува на виолина изработена од велешкиот и македонски врвен мајстор за виолини Светозар Богдановски. Тој потенцира дека има две виолини изработени од Богдановски, а од кои втората според него е врвна според светските стандарди и затоа е горд што ја има виолината на која настапи и на синоќешниот концерт во Велес.