Оливер Белопета во Бордот на Европската џез мрежа

На Генералното Собрание на Европската џез мрежа (Europe Jazz Network – EJN), што се одржа изминатиот викенд во Бари, Италија, директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета, беше повторно избран за член на Бордот на директори и Генерален секретар на оваа значајна музичка организација, една од најпрестижните од овој тип во светот.

Европската џез мрежа, која што функционира под покровителство на Европската Унија, ја сочинуваат најголемите европски џез фестивали, најзначајните џез клубови и концертни сали, независни џез-промотери како и национални институции и установи што се занимаваат со џез.

Воедно, во Бари беше одбележана и 25-годишнината од постоењето на оваа eвропска асоцијација преку ексклузивна изведба на Химната на Европската џез мрежа од страна на светски прославените Italian Instabile Orchestra, создадена од некои од најинтересните европски џез композитори во моментов. Еден сегмент од химната е авторско дело на нашиот џез-гитарист и композитор Тони Китановски.

You May Also Like