Уличното активистичко списание „Лице в лице“се приклучи кон глобалниот настан за одбележување на Меѓународната недела на продавачи на улични весници (4-10 февруари) која се одржува како дел од активностите на Интернационалната мрежа на улични весници (ИНСП), со седиште во Глазгов.
Низ 600 градови во светот, меѓу кои преку „Лице в лице“ е вклучен и градот Скопје, на шест континенти, 140 улични весници ги поттикнуваат уличните продавачи да заработат за пристојна егзистенција и да се издигнат над сиромаштијата во која се нашле. Во мрежата се вклучени 28 000 продавачи кои секојдневно на улиците на Скопје, Белград, Загреб, Милано, Глазгов, Манчестер, Кејп Таун, Мелбурн ги продаваат овие изданија и се борат против сиромаштијата.
Како дел од Меѓународната недела на продавачи на улични весници, ќе биде промовиран третиот број на „Лице в лице“, а настанот на кој ве покануваме да учествувате ќе се случи вопонеделник (4 февруари) во 11.30 часот на плоштадот Македонија во Скопје.
На настанот ќе присустуваат јавни личности, меѓу кои се поп пејачката Каролина Гочева, академскиот сликар Сергеј Андреевски, водителот Жарко Димитриоскиимодните дизајнери Тања Кокев и Ненад Секрирарски. Тиесемеѓу познатите личности кои го поддржаа „Лице в лице“ и кои заедно со продавачите ќе излезат на плоштадот да го промовираат списанието.
Во рамките на оваа недела ќе ги претставиме и новите продавачи на „Лице в лице“. Во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, на тимот се приклучуваат десеттина бездомници, кои преку едукативната и инклузивна програма на “Лице в лице“ ќе се обидат да си обезбедат подобра иднина.
Како дел од одбележувањето на глобалниот настан, продавачите на „Лице в лице“ ќе посетат повеќе компании и организации меѓу кои сеМЕПСО, „Пакомак“, „Фармахем“,„Адора инженеринг“, „Конект“и Холандската амбасадакаде ќе се дружат со вработените, но и ќе им го понудат новиот број на списанието. Нашите продавачи оваа недела ќе имаат и интензивни тренинзи за подобрување на своите комуникациски вештини, кои ги спроведува агенција за комуникации „Ксантика“.
„Лице в лице“ е активистичко списание, кое го промовира моделот на социјално претприемништво кај нас. Го продаваат деца на улица, бездомници и припадници на маргинализирани групи наши сограѓани,а половина од продажната цена на списанието оди директно за нив. „Лице в лице“ е дел од Регионалната платформа за активизам LICEULICE, која во Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје.
Неделата на продавачи се одржува прв пат оваа година, а одбележувањето има за цел да ги слави 28 000 продавачи на улични весници (од кои 14 000 се редовни и во секое време на своите работни места, низ улиците), кои низ целиот свет се борат со сиромаштијата, продавајќи ги различните изданија.
Програмата е составена од разни активности, обуки и забави за продавачите, до натпревари за фотографија кои се организираат преку социјалните мрежи. Уличните весници објавуваат кампањи, специјални изданија, снимаат филмови и сето тоа со една цел – да се подигне свеста за исклучителните приказни на продавачите, кои животот ги оставил на улица.
Мари Алдам од ИНСП (Интернационална мрежа на улични весници) е координаторка на Меѓународната недела на продавачи и таа вели:
-Ова е прва ваква недела која ја организираме и таа ни ветува многу возбудливи активности. Уличните весници низ светот ги слават своите продавачи кои навистина се трудат да го подобрат својот живот, но и да ја подигнеме свесноста за бездомништвото во градовите, употребувајќи ја темата „ИНСПирирани лица“.