„Виртуози“, новоустановената награда во десет категории во областа на музичката и балетската уметност, завчеравечер беше доделена во Македонската опера и балет.
Првите добитници на наградата „Виртуози“ се: Македонската филхармонија во две категории, како „Музички организатор“ за 2012 година во конкуренција со Македонската опера и балет и фестивалот „Охридско лето“ и во категоријата „Голем ансамбл“ каде што беше избрана меѓу Македонската опера и балет и хорот „Драган Шуплевски“.
„Мјузик прогресив квартет“ е добитник на „Виртуози“ во категоријата „Камерен ансамбл“, а Марко Коловски е награден во категоријата „Музички публицист“. Пијанистот Дино Имери е „Млад музички уметник“, наградена е и манифестацијата „Денови на македонската музика“, а оперската певица Ана Дурловски е „Музичко сценски уметник“ за 2012, Дарија Андовска ја доби статуетката „Виртуози“ во категоријата „Композитор“.
Пијанистот Симон Трпчевски е награден во категоријата „Меѓународна афирмација“, а наградата „Виртуози“ за минатата година, во категоријата „Музички изведувач“ и припадна на пијанистката Марија Вршкова.