Прилепскиот театар,,Војдан Чернодрински,, во неделата вечерта со претставата ,,Швејк во втората светска војна,, по Брехт, во режија на Мартин Кочовски, го отвори 21 издание на фестивалот на изведувачки уметности,,Екс Понто,, во Љубљана, Словенија.
Словенечкиот национален театар Драма беше полн со љубители на театарот кои дојдоа да ја проследат моќната политичка сатира на прилепскиот ансамбл, како што беше најавувана пред почетокот на фестивалот.
Ансамблот предводен од режисерот Мартин Кочовски извонредно ја одигра претставата, за што на крајот следуваше и громогласниот аплауз и овации. Посетителите не го криеа своето задоволство што дошле на отворањето на Екс Понто и што гледале моќна и силна претстава, како што многумина изјавија.
– Одлична изведба, многу силна претстава со доста пораки. Режисерски добро сработена – изјави Нико Горшиќ.
– Одличен ансамбл може да реализира вака добар проект. Честитки за екипата – беа зборовите на повеќемината Словенци, по завршувањето на претставата, која остави силен впечаток пред словенечката фестивалска публика.
Задоволен од изведбата и режисерот Мартин Кочовски: – Се радувам што публиката ја сфати пораката од претставата која има актуелна тема не само за Македонија, туку и за Балканот – рече Кочовски.