Четвртата вечер на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ 2014, е резервирана за претставата „Соседи“, во режија на Павел Штоурац, а во изведба на ансамблот од независниот театар „Континуо“ од Маловице, Чешка Република, која ќе биде изведена на големата сцена на Универзална сала, со почеток од 20 часот.
Претставата „Соседи“ е базирана на неколку искази на луѓе кои живеат во близина на самиот театар „Континуо“, врзани за периодот од 80-те години на минатиот век во Централа Европа. Претставата говори за разрушувањето на општеството и човечкикте односи и вредности во еден период на живот кога општествениот организам доживува распад на целиот систем. Во претставата, таквите нарушени односи, се поставени на ниво на гротескност. Во неа, ќе бидите масски на животни и на луѓе, кукли, танц, музика во живо, која кореспондира со основната наративна линија на претставата.
Од 22 часот, на програмата на фестивалот „Лица без маски“, на „Малата сцена“ во Универзална сала, ќе биде изведена претставата „Проклетството на Виктор и Викторија“, во режија на Војо Цветановски, а во изведба на актерите Дарко Вељиќ и Марија Бејкова.
Претставата воедно е и магистерски труд, на продуцентката Сибел Јакуповиќ, а истата претставува интересен спој на пантомимата и тангото, во една наративна приказна во која се воспева љубовта.
-„Дистанцираноста ме боли, многу, но приближувањето знам дека ќе е уште поболно!?“ Кога терпериме за потрага по подоброто, а кое не знаеме ни како изгледа, ни што чувствува, ниту пак дали постои, тогаш знаеме дека сме во потрага по себе си и сопствениот спокој, кој го бараме насекаде околу нас, а никако во самите себе иако знаеме дека тој е скриен длабоко во нашата свест, совест и душа. Ова е приказна за едни двајца, Виктор и Викторија, кои никогаш дознаа ништо еден за друг, се сретрнаа само еднаш, „случајно“, а и обајцата пропатија низ животот, трагајки еден за друг, ќе рече Војо Цветановски по повод претставата.
Како и во претходните три фестивалски денови, во периодот од 11 до 14 часот во Универзална сала, се одржуваат работилници предводени од гостувачките театри на фестивалот. Утрешната работилница, ќе ја предводат актерите на театарот „Контиуно“, кои ќе споделат искуство за методите на нивната работа и создавање театарски претстави.