Со голем успех, невидени овации и долги аплаузи помина теaтaрската претстава „Ромео и Јулија“ на својата премиера пред театарската публика во Русија. Дејан Лилиќ го добил и епитетот за најдобар Ромео кој го виделе Русите. Публиката дури и заплакала од неговиот совршен настап.
Театарскиот ораториум во режија на Дејан Пројковски, ја наполни театарската сцена во Санкт Петерзбург еден од најпрестижните центри за театар во Русија. Се барало место повеќе а за бројните љубители на театарот во салата се носеле и дополнителни столчиња. Но за жал бројни биле и оние кои останале зад вратата.
Најавите за големиот спектакл предизвика огромен интереспред настапот на руската драмска сцена. За премиерата, со кој годинава стартуваше „Охридско лето“, картите биле продадени три дена пред прикажувањето.
Големата уметничка екипа од Македонија задоволна се враќа од Русија. Очекувале со претставата правена според истоименото дело на Шекспир, кое на едно место ги обединува операта, балетот и театарот да поминат добро но се изненадиле што поминале повеќе од одлично.
-Големо е задоволството да се доживеат сите тие овации и позитивни коментари после настапот на еден од врвните театарски центри. Македонските и руските актери совршено се обединија како еден организам кој што спојот на две култури и два јазици додаде и создавање на современ сценски јазик, рече во телефонската изјава режисерот Дејан Проковски.
Сценографот и директор на Валентин Светозарев вели дека возбудата по премиерната изведба е голема.
– Билетите за претстава беа за рекордно време продадени до последното место. Возбудата кај сите учесници во овој проект е сеуште голема. Се надеваме дека оваа драмска форма со која одлично се прикажеме тука на сцената на театарот „Вера Комисаржевскаја“ќе има свој паралелен живот и ќе успееме да ја видиме и ние во Македонија, на сцените во Битола, Охрид, Скопје но и на други места низ Европа, вели Светозарев.
Директорката на Фестивалот „Охридско лето“ и продуцент на овој мултимедијален проект, Елизабета Јанкуловска, вели дека целта е постигната. Направен бил квалитетен проект со кој може да се претставиме и надвор од границите на државата.
– Успеавме да направиме театарски ораториум кој во себе ги содржеше сите сценско музички уметности и театарот и балетот и музиката, кој остана да живее. Овој проект предвидено е да се случува и во Скопје и на други сцени, најави Јанкуловска.
Драмска престава која се премиерно се прикажа во Русија е дел од големиот мултимедијален настан кој е обединувачки проект на сите уметности, е во продукција на националната установа „Охридско лето“, а во изведба на Народниот театар од Битола, Македонската опера и балет, театарот „Вера Комесаржевскаја“ од Санкт Петерсбург и Народниот театар од Охрид.