Нови преводи од словачката литература

Денес (вторник, 9 октомври, 2012 година) со почеток во 20 часот во Словачката амбасада во Република Македонија ќе бидат промовирани хрестоматијата „Единство на многугласјето“ (поглед врз новата словачка литература и култура низ македонскиот превод), приредена од универзитетскиот професор Звонко Танески, како и романот „Последниот коњ на Помпеја“ од словачкиот автор Павел Виликовски, чиј превод е исто така дело на Танески.

Издавач на двете книги е книгоиздателството Макавеј од Скопје. Пригодна реч за хрестоматијата на Танески ќе одржи проф. д-р Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а романот на Виликовски ќе го промовира проф. д-р Ферид Мухиќ. Одломки од книгите ќе прочита новинарката Сузана Тодоровска. Промоцијата ќе ја прогласи за отворена н. е. амбасадорот на Р. Словачка во Македонија – д-р Роберт Кирнаг, а од името на издавачот ќе ги поздрави гостите м-р Владимир Цветкоски.

—————————–
Звонко Танески работи како доцент на Факултетот за странски јазици при ФОН Универзитетот во Скопје, а досега има објавено голем број научни трудови и книжевни преводи. За својата научна и уметничка дејност е носител на повеќе награди во Европа. Тој е првиот Македонец кој го одбрани својот докторат на реномираниот Филозофски факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава. Таму професорот Звонко Танески работеше и како прв лектор по македонски јазик, а истата функција ја извршуваше четири години и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Во декември 2011 година му беше доделен и високиот научен степен IIa (самостоен научен истражувач) од страна на Словачката академија на науките.

You May Also Like