Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави книгата за деца „Без татковина“ од швајцарската писателка Јохана Шпири, во превод од француски јазик на Марија Паунова.
„Без татковина“ е лирски раскажана приказна за животот на младото момче Рико, кое има виолина, но нема татковина. Тоа е вљубено во својата виолина и во својот роден крај. Неговото мало селце се наоѓа во високите и прекрасни предели на Алпите. Кога ќе се симне по стрмниот планински пат, веќе е во друга земја, затоа што ја минува граница на својата татковина. Живее и на едната и на другата страна на границата. Неговиот проблем со домот и татковината не претставува пречка за топлото пријателство со Силвио, но и за чистата љубов со неговата другарка од детството, Ивет. И покрај несреќната судбина со раното губење на мајка му, а потоа и на татко му, пеејќи и свирејќи со својата виолина тој успева да му се радува на животот. А приказната за него и за Ивет од тажна и меланхолична, станува ведра и завршува со среќен крај.
Јохана Шпири (1827-1901) иако своите дела ги напишала во 19 век, таа сѐ уште е многу читана писателка во светот. Нејзино најпознато дело е „Хајди“.
