Нови такси станици низ Скопје

Екипите на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје, изминативе денови работеа на изградба на десеттина нови такси стојалишта.

Такси стојалиштата се наоѓаат на улиците „Ѓорче Петров“, „Љубљанска“, „Мирче Ацев“, „Ѓорѓи Капчев“, „Трета Македонска Бригада“, „12 Македонска Бригада“, „Водњанска“, неколку улици во населба Пинтија, како и на булеварот „Кочо Рацин“.

Изградбата на такси стојалиштата се одвиваше во неколку фази: ископ на земјена површина, поставување рабници, тампонирање и асфалтирање. Сите стојалишта што се изградени досега се со слични димензии од 30 до 40 метри должина, а со широчина од 3 метри. Такси станицата што е изградена во Ѓорче Петров е со поголеми димензии, долга е 30м, а широка 15 метри.

На улицата „Мирче Ацев“ во близина на Тинекс кај Градскиот трговски центар за потребите на лиценцираните такси компании направени се две такси стојалишта во двата коловозни правци.

За поектот досега Градот потрши околу 4 милиони денари, но во Скопје, се бараат и нови алтернативни локации каде што би се изградиле уште вакви такси стојалишта.

You May Also Like