Со настап на концерт мајсторот на оркестарот на Валенсија, нашиот истакнат млад виолинист Ѓорѓи Димчевски, утревечер (петок, 19-ти август 2011 година) ќе се затвори музичката програма на 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“.
Во црквата Света Софија во 21:00 часот уметниците и публиката ќе имаат уште една шанса оваа година да уживаат во прекрасниот амбиент, акустичност и автентичност.
– Македонските културни институции, и особено македонските уметници, секогаш претставуваат значаен дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“. Особено ми е драго што утревечер ќе имаме можност да уживаме во настап на македонски уметник од помладата генерација а кој веќе зад себе има огромен број успеси. По многуте остварени настапи со оркестарот на Валенсија и неодамнешниот концерт со Израелската филхармонија и големиот Зубин Мехта, на големо задоволство на сите, токму Ѓорѓи Димчевски ќе ја затвори овогодишната музичка програма на „Охридско лето“ – ни изјави музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделковска.
Ѓорѓи Димчевски, како еден од највпечатливите претставници на младата генерација македонски музичари, за своето музицирање, како и за изведбите на виолина и пијано, заедно со својата сестра, вели дека предноста на нивното свирење е тоа што не треба критиките да ги пакуваат во „украсна хартија“ туку дека можат директно и најотворено тоа да го направат, притоа не криејќи ништо.
– Престижот на фестивалот Охридско лето, го прави овој концерт посебен на неколку начини. Прво, одличната акустика е секогаш инспирација за секој музичар, второ, вниманието со кое македонската публика го следи фестивалот и нивните големи очекувања поради 51-но годишната традиција и трето, фактот дека на таа сцена со години наназад настапувале членови на нашата фамилија- Дуото Благоја и Ивета Димчевски и други големи уметници како Коган, Ростропович, Рихтер, Третјаков, Кремер.
Овој млад македонски виолинист, кој студирал во класата на Виктор Третјаков, неколку сезони е концерт – мајстор на оркестарот „ Класична филхармонија- Бон“, а последниве три години е концерт – мајстор на оркестарот резидентен во Палатата на убави уметности „ Кралица Софија“ во Валенсија, под водство на Лорин Маазел и Зубин Мехта. Настапува и како камерен музичар со Симон Трпчески и Каори Јамагами.
Заедно со неговата сестра, Весна Димчевска, активно настапуваат како камерно дуо, а оваа година го издадоа и своето првенче во издание на Музичката младина на Македонија.
Со дела од класицизмот и романтичниот период, утревечер, сите вљубеници во убавата музика, за последен пат на ова 51-во издание на фестивалот Охридско лето ќе можат да уживаат во виртуозната изведба на виолинистот Ѓорѓи Димчевски заедно со звукот на пијаното на неговата сестра Весна Димчевска.