Издавачка куќа Македоника литера, деновиве го издаде двобројот 3-4 на списанието „Македоника“, кое почна да излегува минатата година. Со дваесетина текстови кои тематски се поврзани со Македонија, овој број содржи прилози од повеќе области кои ги афирмираат современите културни вредности во Македонија, македонската културна историја, културно наследство, историја, етнологија, митологија, литература и јазикот.
Во двобројот се објавени статии од Стефан Мицов Влахов, Горан Калоѓера (Хрватска), Мирослав Коуба (Чешка), Волф Ошлис (Германија), Ангелина Бановиќ – Марковска, Танас Вражиновски, Катерина Мирчевска, Павле Раковски, Науме Радически, Љубица Јанчева, Катерина Тодоровска, Невен Радически, Стево Павловски и Олга Панкина.
Објавените текстови се однесуваат на македонската еманципација кај Филип Втори и Александар Македонски; невклучувањето на македонската книжевност во “Југословенска книжевност” на Антун Барац во 1954 година; односот на Рајко Жинзифов спрема Полјаците; мемоарската литература на германските војници како македонистички извори; националниот идентитет и македонската интелигенција во почетокот на 20 век; Јозеф Обрембски –истражувач на македонската народна култура; положбата на бегалците од егејскиот дел на Македонија; “Македонија екумена” на Сретен Перовиќ како ода на македонскиот национален идентитет; религијата и државата; Крсте Црвенковски, ЈНА и македонските национални интереси; балканските стереотипи во македонската драматургија…, а се објавени и германски и македонски документи за Македонија. И во овој број е објавена рубриката со библиографски описи на петнаесетина изданија посветени на македонски теми.