Најдобрите средношколци настапуваат за ЕУ

На 8 и 9 мај, Центарот за креативен развој ја организира средношколската манифестација „Најдобрите за ЕУ“, посветена на Денот на Европа, 9 мај.

Серијата настани , во кои учествуваат средношколци од градот Скопје ќе се одвива на повеќе локации во центарот на Скопје и вклучува театарски претстави , улични перформанси на музика, танц, мода, изложби на фотографии и фестивал на кратки филмови.

На 8 мај во театарот МНТ Центар, со почеток во 20часот ќе се одржи европска премиера на средношколскиот театарски проект ‘Буре барут’ (Љубов и смрт), во кој учествуваат ученици од средните училишта “Панче Караѓозов” и “Цветан Димов”. На 9 мај средношколците ќе настапат во повеќе културно-уметнички жанрови – музика, танц, мода, театар, на градскиот плоштад, во Градскиот трговски центар и кај Спомен куќата на Мајка Тереза. Во текот на денот на 9 мај во Зоолошката градина исто така ќе бидат изложени детски цртежи на животни – маскоти на земјите членки на ЕУ, додека вечерта со почеток од 20часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи фестивал на кратки филмови и изложба на фотографии подготвени од средношколците. Перформансите во сте категории се инспирирани од културата и традициите на земјите-членки на ЕУ, како и од европската визија на средношколците .

Проектот НАЈДОБРИТЕ ЗА ЕУ е финансиран од Европската Унија и е дел од програмата за Денот на Европа 2013. Серијата настани се организирани во соработка со Универзалната Сала, Град Скопје, Македонски Народен Театар, Кинотека на Македонија, Зоолошка градина-Скопје, Градски трговски центар, Спомен  куќа на Мајка Тереза  и проектот “ Скопје се сеќава – 16.07.1963 “. Во проектот уќествуваат најдобрите средношколци од градот Скопје  од иницијативата НИЕ СМЕ НАЈДОБРИ 2012.

You May Also Like