Најава за возбудливо издание на фестивалот АКТО

На тема Публика / Public / Audience, седмото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО – Битола ќе  започне на 9 август (четврток) и ќе трае до 12 август.

 

Официјалната програма на седмото по ред издание на фестивалот  ќе биде  отворена со групната изложба “ Павилјон за знаење по мерка ”, под кураторство на Сузана Милевска. Павилјонот ќе биде поставен во алтернативниот простор на клуб кафеаната на НУ Центар за култура Битола.

Како дел од  официјалната програма, ќе се одржи и  конференција  на тема “Менаџирање и одгледување публика ”,  која  ќе се одржи во просториите на Завод и музеј Битола.

Исто така и оваа година ќе биде доделена наградата за интердисциплинарност “ Драгиша Наневски“, за која ќе одлучува тричлено жири, за проектите кои се дел од официјалната програма.

Офф програмата на Фестивалот ќе понуди еклектични стилови на авторска музика предводени од ексклузивниот настап на реномираниот електронски артист Андреас Сааг од Берлин,  потоа Зоки Бејбе, Мирко Попов,  Goran Tech, K.Petrovsky, Dejan Dex, Sasha Pavlovic, Martchin, како и на бендовите Conquering lion, Pumpers, Molokai и Hipnopolis.

На фестивалот ќе биде промовирана и компилацијата „Ако одам во Битола“, која е издадена во соработка со „ПМГ рекордингс“ и ја презентира битолската музичка сцена преку музиката на групите Фолтин, Љубојна, Молокаи, Памперс, Паркети и електронските артисти Saso Recyd, К. Petrovsky, Goran Tech, Миле Гроздановски.

Годинава на АКТО 07 ќе учествуваат 55 уметници и музички изведувачи од Македонија, регионот, но и од Словенија и Германија.

You May Also Like