Патувачкото кино на Македокс во Смилево и Слепче

Патувачкото магаренце на Македокс е низ Демирхисарскиот регион.

Flaer _makedox_patuvacko_kino2

 

Деновиве Македокс ги посети селата Смилево и Слепче. Еве го нивниот впечаток од таму: „Слепче… Пред 1000 години ослепените војници на цар Самоил поминале овде и го населиле ова место. Така ова село го добило своето име. Денес е едно од најурбанизираните села со модерни куќи, интернет, а над него се издига еден од поубавите живи манастири посветен на Св. Јован Крстител. Брои 720 жители кои се занимаваат со одгледување зеленчук, берење печурки, а доколку добиете желба да станете балерина овде можете да си ја набавите најдобрата балетска опрема, зашто сред село има фабрика за изработка за балетска опрема во која работат голем дел од локалните жители. Овде заедно со насмеаните, весели жители на с. Слепче проследивме два филма: “Дае“ на Столе Попов и музичкиот документарец “Звукокршач“ на Кимо Коскела.

Следниот ден патот не одведе во селото Смилево. Легендата вели: Имало тројца браќа, Гале, Лазе и Смиле на кои таткото пред да умре им ги разделил своите овци. Гале го населил селото Галичник, Лазе-Лазарополе, а Смиле го основал Смилево и така настанало ова мијачко село. Денес ова село брои околу 300 жители кои најчесто се вешти градители, билкари, ловџии, а некои од нив прават ќумур на традиционален начин. Овде се родил и Даме Груев, а од 2-7 мај 1903 година се одржал и познатиот Смилевски конгрес на кој било одлучено кога да се дигне славното Илинденско востание. Овде на 900 метри надморска висина под прекрасното ѕвездено небо заедно со локални жители ги проследивме документарците “Напуштени олатари“ и “Драган Венде“ – велат од Македокс.

You May Also Like