Расказ од Томислав Oсманли во српското списание „Улазница“

Во најновиот број (229-230) на литературното списание „Улазница“ од Зрењанин, објавена е новелата „Свадбата на Дорќол“ на македонскиот писател Томислав Османли.

Овој прозен текст е дел од збирката прози на еврејски теми „Светилка за Ханука“ чии текстови доживеаа бројни меѓународни објави и афирмацвии. Во двобројот 229-230 на списанието „Улазница“ овој прозен текст се објавува во превод на српски јазик, едновремено кога истиот текст, во две продолженија, се појавува во актуелниот, како и во идниот број на бриселското сефардско списание „Лос муестрос“, таму во превод на аглиски јазик.

Заедно со прозите на уште двајца автори од Србија и од Хрватска, во одделот „Проза“ на списанието „Улазница“ објавена е приказната на македонскиот раскажувач посветена на една необично доловена, метафизичка свадба на Јехуда Давидовиќ и на неговата избраничка Алегра, два скромни, пристарени брачни кандидата, кои мечтаат да ги крунисаат скроните осамнеички животи со својата свадба… Паралелно со нивната приказна, авторот слика и богата галерија ликови од еврејската населба на питорескните белградски квартови Дорќол и Јалија, пресвртувајќи го навидум идиличната и колоритно доловена атмосфера, во една тревожна прозна приказна.

Нашиот автор новелата им ја посветува „На сенките и на горчливите треви на Фрида Филиповиќ„ значајна белградска и југословенска авторка, инаку сценаристка на филмот „Мирно лето“ и писателка на бележити прозни книги, меѓу останатото посветени на еврејски теми како романите „Горчливи треви“. Со оваа авторка, инаку дамнешна семејна пријателка, Османли комуницираше се’ до нејзината смрт пред неколку години.

Од македонски јазик расказот го преведе Зоран Ж. Пауновиќ, инаку автор на преводот и на романот „Дваесет и првиот“ исто така на Томислав Османли, чијшто српски превод помогнат од меѓународната преведувачка мрежа „Традуки“, наскоро треба да се појави во Белград.

You May Also Like