Натпревар на младите техничари во Пехчево

Сојузот на клубовите на младите техничари и природници на Македонија, денеска (10 мај 2014 година), го организира 51-от Државен натпревар, кој ќе се одржи во основното училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево.

 

natprevar_mladi_tehnicari

На натпреварот ќе учествуваат 312 ученици од основните училишта од Република Македонија кои освоиле први места на регионалните натпревари. Учениците ќе се натпреваруваат во 23 дисциплини: агротехника, автоматика, астрономија, астронаутика, бродомоделарство, воздухопловно моделарство, градежништво и архитектура, екологија, електроника, конструкторство, метеорологија, кино и видео техника, компјутерска техника, применета биологија, применета географија, применета математика, применета физика, применета хемија, радио техника, ракетно моделарство, роботика, сообраќајно моделарство и фото техника.

Повеќе од сто ментори на учениците ќе бидат присутни на натпреварот, а оценувачките комисии се составени од наставници, универзитетски професори и соработници. Добиените дипломи се вреднуваат за стипендии што ги доделува Министерството за образование и наука на Република Македонија.

„Републичкиот натпревар на млади техничари и природници, по 51 пат, на едно место ќе ги собере талентираните основци во природните и техничките науки. Тие ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти на кои што работеле заедно со нивните наставници во текот на оваа учебна година, но истовремено да стекнат и нови знаења од областите во кои што се натпреваруваат. Натпреварите имаат цел да го поттикнат иновативниот дух кај младите и што е најважно, уште од најрана возраст да ги развивијат нивните презентациски и натпреварувачки способности. Многу од нив потоа се успешни професионалци. Едноставно нема ниту една успешна личност од науката, техниката, иноваторството и ниту едно значајно име во електрониката, градежништвото, машинството, архитектурата, информатиката кое своите почетоци не ги врзува за овие натпревари“ – вели проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Сојузот на здруженија за техичка култура на Република Македонија – Народна техника.

Натпреварите се поддржани од Министерството за образование и наука на Република Македонија, Локалната самоуправа на општина Пехчево и Електрани на Македонија.

You May Also Like