Вечерва (петок, 2 ноември 2012 година) во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во 20:00 часот ќе се отвори изложбата на Нарциса Андреевска.
Секоја нова средба со творештвото на Нарциса Андреевска буди нов предизвик и наметнува цела низа прашања што носат дилеми и, секако, со толкувањето на нејзините дела се добиваат одговорите.Сето тоа е изразено во маслата преку кои се обидуваме како посматрачи да впловиме во нејзината интима изразена со колоритот, правоаголната форма што ја користи и дадените фрагменти на пејзажи.
Суштината се открива токму низ играта на хоризонтот, патиштата, сончевиот пат… нагласена со формата, бојата што се изнедрува со градење на видливото и на невидливото… ги насетуваме сите предизвици што Нарциса Андреевска ги доживеала за да нија доближи својата визуелна сензација.Развивајќи го постепено комплексниот однос меѓу ликовното и реалното, во севкупното досегашно творештво, авторката не води низ промените низ својот живот и така ја следиме нејзината развојна линија, како два паралелни животи.
Нарциса Андреевска е дипломиран сликар со театарска, ТВ и филмска сценографија, со статус самостоен уметник. Родена 1963 година во Скопје. Факултет за ликовна уметност завршила во 1986 година во Скопје, во класата на професор Димитар Кондовски. Член на ДЛУМ од 1986 година.