По успешниот прв Саем за вработување во Скопје, кој се оддржа во СЦ Борис Трајковски, успешната приказна продолжува и низ другите градови низ Македонија.
Во ОУ „Страшо Пинџур” во Неготино, во организација на Агенцијата за Вработување, беше организиран наредниот Саем за вработување каде невработените и заинтересираните лица имаа шанса да се здобијат со најнови информации за понудата на пазарот за труд како и за потребните квалификации кои ги бараат компаниите.
Во полната сала со над 5000 граѓани кои го посетија саемот, беа претставени околу 39 компании од Македонија и истите активно беа вклучени во новиот начин на регрутација на талентирани кадри.
Од компаниите кои беа претставени на Саемот за вработување во Неготино, најголема понуда на отворени позиции имаше за инженерските струки, а од посетителите најголем број заинтересирани имаше од кадрите со завршено образование од општествените науки.
Директорот на Агенцијата за Вработување, Влатко Поповски, го отвори продолжението на караванот со саемот во Неготино и најави дека наскоро ќе имаат точен број на новите склучени договори од првиот саем во Скопје, а слични позитивни резултати со конкретни спецификации се очекуваат набрзо и од саемот во Неготино.
„Како продолжение на првиот Саем за вработување кој успешно беше спроведен во Скопје, веќе по само неколку дена на граѓаните во Неготино им дадовме шанса да се запознаат со претставниците на компаниите на вториот Саем за вработување. Од Агенцијата за Вработување, позитивно сме изненадени од одзивот на млади луѓе кои го посетија саемот и се информираа за понудата на пазарот на труд. Задоволни сме што голем број граѓани имаат желба и можност да се здобијат со информации за потребните струки кои се бараат од новите кадри за отворените позиции кои ги нудат компаниите. Насокaта во која мора да се движат двете страни е компаниите да бидат реални во своите барања, а невработените активно да бидат вклучени во барањето на нови работни места како и да се сконцентрираат во усовршувањето и надоградбата на своите квалитети и знаења со кое што би ја зголемиле својата конкурентност на пазарот на труд во државата.” – изјави Влатко Поповски, Директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Граѓаните искажаа задоволство и позитивни коментари што на многу достапен и лесен начин, им се дава шанса да добијат одговори на многу досега неодговорени прашања од претставниците на компаниите учеснички, како специфицирање на потребните квалификации за одредени позиции, како и детални информации и насоки за потребното искуство кое ја налага струката.
„Во време кога конкурентноста на работната сила постојано се зголемува, а струките се изедначуваат и роботизираат, задоволен сум што од сега ние младите имаме можност на поразличен начин да се информираме како да ја зголемиме уникатноста на нашите квалитети и знаења, кога е вистинското време за започнување на практиканство и првото работно искуство, итн. Ми се допаѓа и модерниот и брз онлајн пристап на доставување на резимеа преку порталот http://kariera.mk/, со кој заштедуваме време, а исто ни нуди и брзо пребарување на преферираните работни места.” – изјави Никола, дипломиран инженер по хемија.
Оддржувањето на Саемите за вработување ќе продолжи и низ други градови во републиката каде на посетителите и граѓаните од другите населени места ќе им биде овозможена лесно достапна комуникација и можно склучување договори за работа со претставници на македонските компании учеснички.