Како најава на планинарската сезона во Македонија, в недела, на Матка ќе се одржи традиционалниот, осумнаесетти „Марш на Матка“.
Стартот на „Маршот на Матка“ е од традиционалната локација – ресторанот „Манастирска пештера“ (некогашна „Мечкина дупка“), во 10:05 часот, а првите педесетмина коишто ќе пристигнат на Петров Камен, односно Свети Спас, ќе добијат по една книга од книжевната ризница на издавачката куќа „Матица македонска“.
Организатори на популарниот марш се Планинарскиот клуб „Видици“ и Граѓанската асоцијација за рекреативно движење – ГАРД, помогнати од „Неоком“, „Алкалоид“ и „Датинг“, а кон поддржувачите се придружија и Федерацијата на планинарските спортови, познатите планинарски друштва „Кораб“ и „Трансверзалец“, како и Скопско туристичко лето.
Маршот е поддржан и од Македонската радио-телевизија, Општината Сарај, како и – во годината на полнолетството – од Меѓународната асоцијација ИСЦА и е вклучен во перманентната акција Now we mowe. Исто така маршот е поддржан и од одборите на црквата Света Злата Мегленска од Сарај, Манастирот Света Богородица и Здружението на љубителите на Свети Спас од Матка.