Македонското еколошко друштво организира настан овој викенд во скопската Зоолошка градина …
На 05.10 (недела), 2014 година во Зоолошката градина во Скопје, Македонското еколошко друштво организира настан по повод Европскиот ден на набљудување на птиците со почеток од 10 часот.
Целта на настанот е преку забава и дружење, да се едуцираат граѓаните, а пред сѐ најмладите, за значењето на птиците.
Посетителите ќе имаат можност да се вклучат во активностите на нашите волонтери, да набљудуваат птици, да учествуваат во квизови и наградни игри како и да дознаат многу интересни факти за птиците.
Набљудувањето на птици е рекреативна активност што се прави со голо око или со помош на двоглед или телескоп. Таа започнала да се прави уште во 18иот век, а денес е многу популарна низ целиот свет. Навистина интересна активност, која вклучува идентификација на видените птици, што лесно преминува во пасија. Активност во која се вклучуваат и најмладите и најстарите а може да се изведува секаде во природа, почнувајќи од сопствената градина.
Настанот оваа година се организира во 37 држави, од страна на националните партнери на BirdLife International, кои ги канат сите љубители на птиците и оние кои сакаат да научат нешто повеќе за нив, да се придружат во одбележување на Европскиот ден за набљудување на птици.
European Birdwatch е годишен настан кој вклучува стотици национално организирани активности.Минатата година околу 65 000 луѓе набљудуваа птици во 34 држави, во текот на еден викенд.