Изложбата овозможува запознавање со основите на џезот, со неговите почетоци и основоположници – правејќи го џезот подостапен за сите, со помош на технологијата.
Истовремено со Скопскиот Џез фестивал во Скопје, во иновативниот центар на Македонски Телеком кој се наоѓа на плоштадот Македонија, за сите посетители отворена е мултимедијалната изложба под името „Патување низ историјата на џезот“.
Оваа изложба, во организација на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија има за цел да го доближи џезот до пошироката публика преку интерактивен и мултимедијален пристап токму во период кога се одржува и култниот „Скопски џез фестивал“.
За успешна реализација беа вклучени и стручните искуства и знаења на Ален Хаџи Стефанов, сопственик на „Џез фм“ кој ги сподели своите импресии: „Вложивме огромен труд и работа за да ја спакуваме и сработиме изложбата онака како што изгледа и тоа во екстремно кратко време. Делумно прелистувајќи ја нејзината содржина сфатив дека сум многу горд на проектот, бидејќи целосно се вклопува со тоа во кое длабоко верувам и работам веќе некое време. Изложбата е едукативна, но пред сè историски точна и благо забавна, испрскана со вистински анегдоти за овие колоритни ликови, легенди на џез музиката. Целта беше да ја спакуваме содржината во што поконцизна форма и да ја презентираме на ниво разбирливо и достапно за сите, а сепак без да ги изневериме и најголемите познавачи на оваа музика. Мојата цел е секогаш да се одалечуваме од снобовските тенденции на оваа музика и враќање на истата кон оние од кои таа потекнува, обичните луѓе.“
Изложбата е одлична можност за сите кои што би сакале да се запознаат со музиката која го одбележа 20-тиот век и со нејзините најпознати претставници како Луис Армстронг, Дјук Елингтон, Дизи Гилеспи, Мајлс Дејвис, Чик Кореа и уште многу други оригинални личности и музички гении.
Освен основните информации за запознавање со џезот, изложбата се осврнува и на интересни факти и анегдоти поврзани со овие луѓе, нивните гледишта и нивниот стил на живот.