Вечер (сабота, 15 јуни) во 21:00 часот во Куршумли Ан, со проекција на филмот „Скопје 63“ ќе биде отворено годинашното 4-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
„Скопје 63“ е хрватско-македонски филм по повод 50 годишнината од Скопскиот земјотрес, а по него во 21 часот на програмата е и оскаровскиот „Барајќи го Шугармен“.
Фестивалот „Македокс“ се одржува под мотото „Детоксикација“ и ќе трае до 21 јуни, ќе бидат прикажани филмови од повеќе земји. Покрај Куршумли ан, проекции ќе има и во Младинскиот културен центар. Од Македонија учествуваат четири документарци, на Игор Иванов-Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски и на Петра Селишкар и Бранд Феро.
Организаторите најавија дека документарните теми ќе бидат поделени во четири програмски целини: главна програма, нови автори, балкански документарци и краткометражни документарни филмови.
Филмовите во конкуренција ќе бидат оценети и наградени со официјалните признанија на „Македокс“ – „Кромид“ за најдобар филм во меѓународна натпреварувачка програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади и награда за филм со најдобри етички идеи.
Во Куршумли ан ќе има по две вечерни проекции – од 21 и од 23 часот, а во киното „Фросина“ во МКЦ од 16 јуни ќе бидат репризирани прикажаните документарци.
Истакнати режисери и продуценти ќе ги споделат своите искуства со љубителите на документарни филмови во Куршумли ан, во т.н. Дискусии под смоква, секој ден во 18 часот. „Македокс“ и оваа година во август ќе патува низ градови во Македонија.