True Sound Of Kamenica е еден поинаков, модерен и масовен настан во Македонска Каменица кој ќе се случи на 11-ти Јули 2014 година, на новото повеќенаменско спортско игралиште.
T.S.O.K (True Sound Of Kamenica) е уникатен еднодневен музички фестивал, под отворено небо, чија цел е урбано будење и градење на улична култура.
Од Културно-информативниот центар „Романса“ и од Општина Македонска Каменица кои се и организатори на фестивалот најавуваат огромна сцена, извонредни аудио и визуелни ефекти. Ќе настапат девет врвни диџеи од Македонија, Србија и Бугарија, кои на публиката ќе и приредат вистински музички спектакл, висок адреналин, позитивна енергија и секако, забава до раните утрински часови. На првото издание на T.S.O.K. ќе настапат Vladimir Acic и Loco Baby од Србија, Christian Craken, Momo Dobrev и Miss Party од Бугарија и домашните диџеи Dj Darkman, Dj Abrash, Dj ZokiPoki и Borce Panov.
Застанувајќи зад овој проект, Општина Македонска Каменица и годинава покажува и докажува дека го поттикнува урбаното и културното живеење, подржувајќи ги современите вредности и урбаниот начин на живот. T.S.O.K. е поддржан и од Министерството за култура на Република Македонија.