МНТ со „Аферата Елсинор“ на „Охридско лето“

Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Аферата Елсинор“ вечерва пред публиката на „Охридско лето“ …

Ohrid panorama

Драмската програма на годинешното издание на „Охридско лето“ продолжува со вечерашната изведба на претставата „Аферата Елсинор“, работена според текст и режија на Љубиша Георгиевски, а во изведба на бројна екипа на Македонскиот народен театар.

– Претставата е работена како јубилеј – 77 години од раѓањето на Љубиша Георгиевски и 55 години од неговото творештво. Дејството во неа се случува во дворот на Елсинор, сите ликови од „Хамлет“ се ставени во мошне специфичен концепт. Претставата има многу духовитост, но и цинизам, интелектуелна претстава подготовена за пробирлива публика, но и гледачите кои првпат се среќаваат со театарот ќе можат да видат неверојатна приказна во прекрасни околности, изјави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Ѓорѓи Јолевски.

Тој најави лепеза фанстастични актери кои играат во претставата, со уверување за незаборавно театарско искуство за гледачите.

Јордан Симонов, кој ја толкува главната улога на Хамлет во „Аферата Елсинор“, рече дека било мошне лесно да се работи со професорот Герогиевски, оттаму што целата работа била сведена на некаков сублимат ос де она што режисерот го видел, прочитал во „Хамлет“.

– Мене ми беше мошне лесно, само требаше да ги одбереме моментите со режисерот за тоа како ќе го водиме ликот. Ова ми е шеста соработка со Георгиевски, така што заклучокот е дека Георгиевски ми верува, па ми ја додели ето главната улога, изјави Симонов.

Претставата „Аферата Елсинор“ за Владо Јовановски кој ја игра улогата на Клавдиј, рече дека се работи за сериозна, ансамбл-претстава во која учествува поголемиот дел од актерската екипа на МНТ.

– Добар дел од текстот е на Љубиша Георгиевски, видоизменет е оригиналот на Шекспир…Настанува една крими-приказна, со заплет каков што нема кај Шекспир. Во приказната се работи за една декаденција во дворот, оттаму што се работи за политички текст кој никого не остава рамнодушен, ниту оние кои се занимаваат со уметност, ниту оние со политика, ниту публиката. Уверем сум дека гледачите ќе видат многу работи кои ќе заинтригираат, изјави Јовановски.

Текстот на претставата е еден вид дијалог со Шекспир во вид на пиеса. Претставата е еден обид за форензичка анализа, за тоа кој како и зошто загинал во дворецот Елсинор. Структурата во претставата е тројна, односно публиката ќе види три претстави во едно. Тоа е телеграфска претстава, а самата структура на претставата е рашомонијада направена според изјавите и сведочењата на Клаудиј – кралот на Данска, Гертруда – кралицата на Данска и сведочењата на Офелија.

– Публиката ја повикувам не да сеири, ами да ми ја доврши претставата. Како што впрочем, ме знаат постарите меѓу вас, дека јас ниту една претстава не сум успеал да завршам. Не дека не сум сакал и не сум можел, туку публиката ја довршувала, на овој или на оној начин, вели режисерот Георгиевски.

„Аферата Елсинор“ ќе се игра на големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

You May Also Like