Мишел Камило на Охридско лето

Вечер (понеделник, 16 јули) со почеток од 21:00 часот, во предворјето на црквата Света Софија, ќе настапи славниот доминикански џез пијанист и композитор Мишел Камило.

Мишел Камило е роден на 4 април 1954 година во Санто Доминго, Доминиканска република. Првата авторска композиција ја напишал на петгодишна возраст, осум години подоцна веќе бил студент на Националниот конзерваториум, а на 16 години станал член на Националниот симфониски оркестар.

Во познатите музички кругови влегува откако неговата композиција „Why Not?“ како носечка на еден од своите албуми ќе ја стави славниот Пакито де Ривера, а успехот ќе биде потврден откако а-капела составот „Менхетен трансфер“ за својата вокална верзија на истата тема во 1983 година ќе стане добитник на престижната награда Греми.

Мишел Камило е подеднакво успешен во класиката, џезот и на полето на филмската музика, во родната Доминикана е добитник на највисокото можно признание орденот „Дуарте, Санчез и Мела“ што го доделува претседателот на Републиката.

You May Also Like