Министерството за култура ќе ја поддржи нововостановената награда „Виртуози“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, на која за првпат годинава ќе бидат доделени признанија за најдобрите во повеќе области од културното живеење.
Наградата е востановена врз основа на иницијативата на: СОКОМ, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Министерството за култура на Република Македонија.
Според портпаролот на Министерството за култура, Анита Јованоска, организацијата на манифестација од ваков вид, која ќе ги вреднува реалните достигнувања во областа на културата и уметноста, ќе биде вистинско освежување и ќе внесе дополнителен импулс во популаризацијата на културното живеење во земјава.
Првото издание на манифестацијата „Виртуози” ќе се одржи на 2-ри март на сцената на МОБ, а петнаесетина национални установи, високообразовни институции и здруженија на граѓани од областа на музичко-балетската уметност веќе ги испратија своите предлози за една од наградите.
Во категоријата „музички организатор“ се номинирани националните установи: Македонска опера и балет, Македонска филхармонија и Охридско лето. Во категоријата „камерен ансамбл“ се номинирани: Дуо Кировски, Мјузик прогресив квартет и Трио Интерарт, а за најдобар „музички публицист“ ќе се избира меѓу: Аида Ислам, Марко Коловски и Васка Наумова-Томовска. Во трка за категоријата „млад музички уметник“ се: Дино Имери, Александар Коловски и Софија Никоска, а за категоријата „голем ансамбл“ се: Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и Мешаниот хор Драган Шуплевски.
Во шестата категорија „музичка манифестација“ се номинирани: Денови на македонската музика, Охридско лето и Скопско лето. За најдобар „музичко-сценски уметник“ ќе се избира меѓу: Ана Дурловски, Весна Ѓиновска-Илкова и Александра Мијалкова. Во категоријата „композитор“ се номинирани: Дарија Андовска, Фатос Лумани и Александар Пејовски, во „меѓународна афирмација“: Ана Дурловски, Благој Нацоски и Симон Трпчески, а во категоријата „музички изведувач“: Марија Вршкова, Ана Гацева и Љубиша Кировски.