Екстерното тестирање е сеуште во фаза на разгледување и анализи, додека за моделот кој ќе се спроведе, одлуката ќе биде донесена во соработка со универзитетите.
Ваквото уверување го даде Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, во интервју за новинската агенција Журнал.
Адеми вели дека Министерството сеуште нема одлучено за моделот кој ќе биде спроведен, но уверува дека тој ќе биде основан исклучиво врз искуствата од земјите на Европската Унија.
Адеми ја поздравува дебатата која се одвива, но забележува дека најгласни се тие кои се затекнатите од воведувањето на ваквата новина во високото образование. За еден дел од критиките тој вели дека се работи за политички изјави.
– Нема да дозволиме во ниту еден начин да се наруши автономијата на универзитетите. Автономијата се нарушува само доколку државните институции се имплицираат или сакаат да ги постават универзитетите под контрола. Така што убеден сум дека ќе најдеме форма или модел кој ќе биде спроведлив, но и модел кој нема да ја наруши автономијата на универзитетите, вели Адеми.
Во рамките на ваквата реформа, тој најавува и преглед на Болоњскиот процес и продолжување на времетраењето на студиите.
– Ќе извршиме еден преглед на некои аспекти на Болоњскиот процес, додека некои аспекти ќе ги зачуваме. Ние сакаме да го продолжиме времетраењето на студиите, да нема 3-годишни студии и да нема само писмен испит, но и усмен. Сметаме дека со интерактивност во текот на предавањата и испитот, професорот може да го оцени подобро студентот доколку тој полага и усмено, вели Адеми.