Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва во Музејот на македонската борба се обрати на свеченоста по повод започнувањето на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори (ЕАК), чиј домаќин од 28 до 30 септември е Сојузот на композитори на Македонија.
Од 28- 30 септември во Скопје се одржува Генералното собрание на ЕАК (Асоцијација на европски композитори и сонграјтери – EASCA) на кое ќе учествуваат делегати на авторски здруженија од 22 држави.
ECSA е меѓународна организација која застапува повеќе од 23.000 професионални музички автори од 40 европски организации од сите музички жанри (класична, популарна, филмска музика и аудиовизуелна музика).
Настанот предвидува и свечен прием со поздравен говор на Министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, како и кратко претставување на македонскиот фолклор со ансамблите на “Танец“.
Во рамките на сесиите ќе се разговара за актуелните европски прашања за авторските музички права, за развојот на културните активности на авторите и за низа тековни проекти на комитетите на ECSA.
Домаќин на средбата во Скопје е Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, кој исто така ќе организира и работна средба на Одборот на ECSA со претставници на домашните авторски здруженија (ММИ, КОНИП, ШПАТО и МЕМА).
На 29ти, пред делегатите на ECSA, својот прв концерт ќе го одржи Ансамблот за современа музика ConTempora, кој неодамна беше формиран од СОКОМ со цел да се промовира македонската и светската современа музика. На концертот ќе бидат изведени дела од Глишиќ, Андовска, Андреевска, Трандафиловски, Пејовски, Велковска-Трајановска и Петровиќ-Алексова, а со ансамблот ќе диригира маестро Сашо Татарчевски.