Деновиве во САД е објавена книга која е авторско дело на македонскиот режисер Милчо Манчевски, насловена „Вистина и проза: белешки за (исклучителната) верба во уметноста“.
Издавач е „Пунктум букс“ од Њујорк кој, како што информира С-прес, го најавува Манчевски како „писател и режисер номиниран за Оскар, роден во Македонија, а живее во Њујорк“.
– Манчевски размислува за различните начини на кои и авторот и публиката го создаваат, го извршуваат и го апсорбираат синематискиот наратив со одредена верба и вера дека уметничкото дело ќе ја претстави не толку фактичката вистина, туку важното заедничко искуство на верување во „рамништето на стварност создадено од самото уметничко дело“ така што „му веруваме на неговата внатрешна логика и интегритет, имаме верба во она што се случува додека му се предаваме на ова уметничко дело“.
Вистината станува прашање на она што уметникот и публиката успеваат да го видат и почувствуваат заедно: она што го чувствуваме како вистинско станува светот што го населуваме – истакнува „Пунктум букс“ во најавата на книгата.
На Манчевски, кој покрај режија, се занимава и со пишување сценарија, проза, перформанс арт и фотогафија, ова не му е прва книга. Во 2000 година тој ја објави „Духот на мајка ми“, а повеќепати негова проза е објавувана во литературното списание „Њу американ рајтинг“.