Во просториите на ОУ „Љубен Лапе”, во организација на Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром“, се одржа традиционалниот 30-ти квиз-натпревар за противпожарна заштита во Општина Аеродром за учениците од основните училишта на нејзината територија.
На натпреварот најмногу знаење покажа екипата на ОУ „Лазо Ангеловски”, која го освои првото место, втора беше екипата на ОУ „Блаже Конески”, а екипата на ОУ „Гоце Делчев” се пласираше на третото место. Првопласираната екипа ќе ја претставува Општина Аеродром на регионалниот квиз-натпревар, кој ќе се одржи на 19.11.2014 година од 17:30 часот во просториите на Даре Џамбаз.
Противпожарните квиз натпревари се организираат со цел да се подигне противпожарната култура и знаење кај младата популација, а преку нив непосредно да се влијае и врз возрасните.
Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром” покрај квиз-натпреварите, подготвува противпожарни предавања и практични вежби што опфаќаат употреба на противпожарна опрема и локализа¬ција на почетни пожари, како и крос-натпревари и ликовни и литературни творби од оваа област.