Од вчера (петок, 16 ноември, 2012), па се до недела кога ќе бидат врачени наградите, во просториите на „Здружението на слепи и лица со оштетен вид“, по 48 пат, ќе се одржува традиционалниот “Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид“.
Шахистите ги посети и ги поздрави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој што на учесниците им посака успешен турнир.
– Навистина ми е драго што и оваа година сум овде со вас и што вие секоја година успешно ја релизирате оваа спортска манифестација, што заедно со нас се повеќе се движите низ Република Македонија, а на тој начин и повеќе се дружите меѓу себе. Соработката помеѓу Град Скопје и Вашето Здружение трае во текот на целата година, не само на денот на одржување на овој турнир. Град Скопје, годинава, преку Секторот за јавни дејности, за потребите на членовите Здружението одвои околу 4,5 милиони денари за бесплатни билети што вие ги користите во јавниот автобуски превоз, 40.000 денари за екскурзии низ нашата земја и околу 65.000 денари за реализација на овој турнир и други спортски активности. Секоја година Градот Скопје на 310 лица им обезбедува бесплатни слободни легитимации за Јавниот градски превоз. Се надевам дека и во иднина ќе бидеме во можност да ви помагаме, а нашите служби секогаш ќе ви бидат на располагање, рече градоначалникот Трајановски.
Претседателот на Здружението на слепи и лица со оштетен вид, Зоран Костадиновски, му се заблагодари на градоначалникот Трајановски, за успешната 4 годишна соработка и изрази надеж за понатамошно продлабочување на заедничката соработка.
На турнирот специјални гости се шахистите од соседна Република Србија, учествуваат вкупно 39 шахисти од цела Македонија и странство, од кои 32 се мажи, а 7 се жени. Овој турнир нецели пет децении се организира во чест на Денот на ослободувањето на Скопје, 13-ти Ноември.