Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје под диригентско водство на проф. Сашо Татарчевски оствари уште една успешна презентација на македонската хорска уметност на меѓународната сцена.
Имено, на фестивалот за духовна музика “Вратиславиа сакра“ кој се одржа од 25-27 април 2014 година во Вроцлав, Полска, нашиот хор освои прво место и статуетка на св.Сесилија во категоријата за православна хорска музика и второ место во категоријата за големи хорски ансамбли. Наградите беа доделени на гала концертот кој се одржа на централниот плоштад на Вроцлав, како дел од големата манифестација во чест на канонизацијата на папата Јован Павле втори во присуство на огромен број публика.
Освен настапот во натпреварувачкиот дел, хорот одржа и два концерти во Вроцлав презентирајќи меѓу другото и дел од македонското хорско творештво преку композиции на Зографски, Прокопиев и Шуплевски.
Ова е продолжение на низата успеси кои хорот ги остварил во последните неколку години на повеќе хорски натпревари низ Европа, промовирајќи се на тој начин во вистински културен амбасадор на Македонија.