Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“

На 25 јули 2014 година (петок), во вечерните часови, на двете игралишта на песок на Градската плажа „Парк“, ќе стартува тридневниот Петти традиционален меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“.

odbojka na plaza balkansko prvenstvo3

 

Град Скопје е генерален покровител на настанот и преку Програмата за спорт Град Скопје од Буџетот издвојува 400.000 денари, а турнирот е во организација и реализација на Одбојкарската федерација на Македонија.

– Сакам да го истакнам своето задоволство, што граѓаните на Скопје и ова лето ќе имаат можност да следат врвна одбојка на песок на „Петтиот меѓународен турнир во одбојка на песок Скопје 2014“, на веќе препознатливите игралишта на градската плажа „Парк“ на кејот на реката Вардар. Повеќе од сигурно е дека овој турнир прераснува во традиција, со тенденција секоја година да биде поуспешен и поквалитетен. Радува податокот дека со изградбата на двата одбојкарски терени на кејот на Вардар во Скопје почнаа да се реализираат успешни турнири во одбојка на песок, проследени со голем интерес во регионот, каде покрај квалитетните македонски играчи, редовно се пријавуваат и исклучителни спортски двојки од странство. Исто така, треба да се истакне дека искористеноста на игралиштата на песок е на исклучително високо ниво, особено кај младата популација, а за тоа секако придонесе и одлуката на Градот Скопје, терените да се користат бесплатно. Би сакал да ја искористам оваа можност и да ги повикам сите граѓани на Скопје, во овие три дена, од петок до недела, да присуствуваат на некои од натпреварите и да уживаат во врвна одбојка на песок, токму во овој период на годината или поточно во срцето на летото кога температурите се високи. На сите натпреварувачи, како и на организаторите им пожелувам успешен турнир – истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Градоначалникот Трајановски ја искористи можноста на челниците на Одбојкарската федерација на Македонија да им го честита успехот што го постигна македонската машка одбојкарска репрезентација во натпреварите на Европската лига 2014. Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, му се заблагодари на градоначалникот Трајановски, но и на Град Скопје за заложбите да го афирмираат овој спорт во нашата земја, зашто одбојката на песок е еден од најпопуларните спортови во светот.
На Турнирот што почнува во петок, а ќе заврши во недела на 27 јули ќе учествуваат петнаесетина двојки во женска и исто толку двојки во машка конкуренција од нашата земја и регионот, меѓу кои: Албанија, Србија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Македонија.

– Очекуваме учество на врвни спортски двојки во одбојка на песок и секако одлични натпревари во рамки на ова петто издание на турнирот „Скопје 2014“. И годинава учеството на турнирот го потврдија минатогодишните победници во женска конкуренција од соседна Република Бугарија, а од македонските одбојкари, очекуваме да настапат Клопчевски Ристо, Ангеловски Дарко, Трајчевски Влатко, Дејан Симоновски, Георгиевска Сандра, Трпевска Калина и многу други. Имаме наши македонски претставници со по пет пара во машка и женска конкуренција и очекуваме добар пласман. Наградниот фонд изнесува 5.000 евра, по 2,5 илјади евра за двете конкуренции. Меѓународниот турнир во одбојка на песок изминативе пет години го турка градот Скопје на Европската одбојкарска мапа како град организатор на вакви спортски настани меѓу оние светски метрополи како што се Париз, Рим, Берлин и Прага. Ни претставува огромна чест и задоволство што минатогодишното Балканско првенство во одбојка на песок што се одржа во Скопје е оценето како едно од најдобро организираните до сега – рече Зоран Карановиќ, генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија.

Официјалното отворање на ПЕТТИОТ МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ОДБОЈКА НА ПЕСОК „СКОПЈЕ 2014“ е закажано за во петок 27.07.2014 година во 19 часот на игралиштето на песок на Градската плажа „Парк“.

You May Also Like