Мандолнискиот оркестар „Скопје“ со Гран При во Москва

Мандолинскиот оркестар „Скопје“, под раководство на Рамадан Шукри, ја освои наградата Гран при за настапот на 9-от Меѓународен фестивал на словенска музика во Москва.


Во рамките на натпреварувачкиот дел од програмата на Фестивалот, кој се одржа во Државната школа за музички уметности „Балакирев“ во Москва, според одлуката на стручното жири, Мандолинскиот оркестар е добитник на наградата Гран при во категоријата „најдобар младински колектив на народни инструменти“.  Оркестар кој повеќе од три децении успешно ја остварува својата мисија на национално и на меѓународно ниво оваа  награда ја доби во конкуренција од 30 учесници од Руската Федерација и од словенските земји. Во поединечна конкуренција, пак, награда освои Лазар Сандев, а признанија-благодарници за учеството на Фестивалот им беа доделени и на кларинетистот Ристе Ѓорески и на пијанистот Александар Наунов.

Овие значајни награди, несомнено, претставуваат голем успех за македонското детско и младинско музичко-уметничко творештво и значителен придонес во напорите за афирмација на македонската музика во Руската Федерација.
Настапот на Мандолинскиот оркестар во Москва, кој е поддржан од Министерството за култура во рамките на Годишната програма,  беше во рамките на манифестацијата за одбележување на Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј во Руската Федерација – „Денови на словенската писменост и култура“.

You May Also Like