Македонските студенти од ФДУ и ЕСРА ќе имаат ексклузивна можност да го видат филмот „Востаничка улица“, кој ќе се прикаже во Кинотеката на Македонија утре, понеделник (19 ноември) во 17:00 часот.

Српскиот кинематографер Миладин Чолаковиќ ќе биде гостин на Кинотека и ќе присуствува на проекција, а ексклузивитетот е поради тоа што филмот сè уште не е премиерно прикажан во земјава. Проекцијата е од затворен тип и ќе биде наменета за студентите од Факултетот за драмски уметности и од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Дружењето на студентите и кинематограферот е замислено како сесија со прашања и одговори за учеството на Чолаковиќ во реализацијата на филмот.
Во „Востаничка улица“ главните улоги ги играат актерите Гордан Кичиќ, Уликс Фехмиу и Раде Шербеџија, а режисер е Мирослав Терзиќ. Станува збор за политички трилер кој е насловен според адресата на Специјалниот суд за воени злосторства во Белград. Инспириран е токму од воените злосторства кои се случуваа на овие простори во изминативе години и претставува прв филм во кој Србија отворено зборува на оваа темата.
Филмот „Смрт на човекот на Балканот“ пак, во кој исто така зад камерата е Чолаковиќ, е на програмата на актуелниот Фестивал на европски филм „Синедејс“. Проекцијата на оваа црна комедија е во вторник, во 21 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Филмот како дел од фестивалот е сместен во програмата „Синебалкан“, а претставува извонредно остварување со невообичаена техника на снимање. Филмот е снимен во еден кадар, а окото на камерата е стационирано во еден дел од соба, пред која се редат случувањата, дијалозите и целата актерска екипа која учествува во остварувањето.
Чолаковиќ годинава беше член на жирито на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде што одржа и работилница како дел од активностите на регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ во земјава. Изминативе две недели скопската публика имаше можност да ја види и изложбата со негови фотографии од циклусот „Пат“, која исто така дел од активностите на платформата „Лице в лице“.
Гостувањето на Чолаковиќ и проекцијата на филмот го организира Центарот за медиумски активности (ЦМА) во соработка со Кинотеката на Македонија.