Од 11 до 14 октомври, во Призрен, ќе биде одржан јубилејниот десетти по ред Интернационален фестивал на стрип и карикатура, во организација на Асоцијацијата на косовски стрип автори – Џенет Комикс (Xhennet Comics).
Традиционално, како и до сега, на фестивалот во Призрен учество со свои дела ќе земат поголем број на македонски стрип автори и карикатуристи.
Како специјални гости на манифестацијата, од Македонија ќе бидат стрип авторите Иванка Апостолова, Александар Стеванов, Златко Крстевски и Весна Ничевска Саравинова, како и карикатуристот Јордан Поп Илијев.
На 12 октомври Апостолова ќе одржи промоција на стрип албумот “Personal Futurism / Public Politics”, а Стеванов ќе го претстави краткиот стрип „Вистинска љубов“, илустриран од Кирси Салонен, кој е второнаграден на конкурсот на Интернационалниот стрип салон во организација на Стрип центарот на Македонија, кој во Велес ќе биде одржан од 17 до 19 октомври. Впрочем, салонот во Велес беше местото кадешто се создаде стрип мостот помеѓу косовската и балканската стрип сцена.
Истиот ден Јордан Поп Илијев ќе каже нешто повеќе за македонските карикатуристи, а од страна на Ничевска Саравинова и Крстевски, пред косовската публика, ќе бидат претставени и најновите случувања поврзани со македонскиот стрип.
Покрај оние од Македонија и Косово, најавени се и гости од Бугарија, Србија, Турција, Словенија, Албанија и Кипар.