Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера (22 октомври, 2012 година) во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со Николај Гришко, директор на светски реномираната компанија „Гришко“ од Русија, која е специјализирана за производство на балетски обувки и балетска опрема.
Тема на состанокот, на кој присуствуваа и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, амбасадорот на Република Македонија во Руската Федерација Илија Исајловски, директорот на Македонската опера и балет Дејан Прошев, примабалерините Александра Мијалкова и Тања Вуисиќ-Тодоровска, беа можностите за воспоставување соработка во областа на балетската уметност.
На средбата, директорот на руската реномирана компанија ја изрази својата сериозна подготвеност за поддршка на балетската уметност во нашата земја и информираше дека „Гришко“, како голем поддржувач на културата, ќе набави балетска опрема за играчите во Македонската опера и балет, а за оваа цел во наредниот период ќе биде потпишан и меморандум за соработка.
Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата подвлече дека Македонија е земја во која се негува балетската уметност и ја истакна својата подготвеност за соработка во насока на унапредување на условите во кои работат балетски уметници.
Гришко го пренесе и интересот на деканот на Факултетот за балетски уметности во Москва за воспоставување контакти и соработка со Факултетот за музички уметности во нашата земја, како и соработка со цел размена на кадри и искуства, обука на професионални уметници од областа на музичко-балетските уметности, организирање манифестации, семинари, изложби од оваа област итн.
На средбата, првиот човек на компанијата „Гришко“ донираше книги и друга стручна литература од областа на балетските уметности, наменети за институциите во Република Македонија од оваа сфера.