Евергрин ѕвездите Зафир Хаџиманов и Хелена Благне се странските гости кои ќе настапат и содржински ќе ја збогатат манифестацијата 50 години „Евергрин МК“ што ќе се одржи петок ( 26 октомври, 2012 година) во Универзалната сала со почеток во 20:00 часот.
Овие две евергрин имиња ќе дадат посебен белег и потврда на изборот на граѓаните, кои по пат на СМС – гласање или преку интернет страницата на магазинот Теа модерна, избраа ТОП 20 композиции.
Хаџиманов ќе отпее две композиции – „Љуби ме и главата горе“ на композиторот Глигор Копров и „Како Вардар“, каде што се јавува како изведувач и кант-автор.
Хелена Благне допатува во нашата земја за пред македонската публика да ја испее надалеку познатата „Кога те нема“ на композиторот Кире Костов.
Гала вечерта ќе ја збогатат уште многу интересни и звучни имиња и музички групи од македонската естрада, но тоа ќе биде изненадување за сите посетители на Универзалната сала и за гледачите на директниот пренос на националната „Алфа“ телевизија.