„Илјада години писмена традиција во Македонија“ е насловот на изложбата која опфаќа 39 стари ракописи и ракописни книги од книжното културно наследство, со статус на книжно културно добро. Ракопосите 9 до 21 октомври ќе бидат изложени во Кралскиот музеј на Мариемонт во Морланвелтс, Белгија.
Изложбата ќе ја презентира илјадагодишната словенска писмена културно историска традиција на територијата на Македонија преку старословенските христијанските споменици со глаголско и кирилско писмо од 10 до 19 век.
Ова значајно меѓународно претставување на долгата традиција на пишаното слово во Македонија надвор од нејзините граници, го подготвува НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје во соработка со Валони Брисел Интернационал и Кралскиот музеј на Мариемонт и Амбасадата во Белгија.
Во подготовка е еден обемен каталог/водич на француски и англиски јазик преку кој сите посетители во Брисел ќе можат да се запознаат со богатите ракописи. Избраните ракописи се од НУБ, Државниот архив на Македонија, Заводот за заштита и Музеј-Охрид, Историскиот архив Охрид и Музејот во Битола. Изборот на ракописите е од д-р Михајло Георгиевски специјалист за средновековна христијанска книжевност.
НУБ „Св.Климент Охридски“ од Скопје е во преговори со Агенцијата од Дубаи за заштита на 5.000 ориентални ракописи и ретки книги од 11 век па наваму. Нашата библиотека ја има една од најбогатите ориентални збирки на Балканот и пошироко. Овие ракописи и ретки книги се на арапски, персиски, османлиски и на турски јазик. Оваа збирка побуди голем интерес и кај научниот свет од Турција.